Кина ја почна својата најголема воена вежба во водите околу Тајван, ден откако спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, си замина од островот по кусата, но контроверзна посета. Вежбите почнаа во шест часот по македонско време и во неколку области треба да се одвиваат на само 20 километри од Тајван, кој вели дека Кина сака да ја промени статус кво ситуацијата во регионот.

Advertisements

Пелоси пристигна на Тајван завчеравечер, игнорирајќи ги заканите од Кина дека САД ќе платат висока цена за тоа.

Пекинг кажа дека вежбите ќе се одржуваат на прометни меѓународни морски и воздушни маршрути и ќе вклучуваат пукање со муниција со долг дострел. Според тајванските власти, вежбите практички ќе го блокираат островот и на вода и од воздух, додека САД ги опишаа вежбите како неодговорни и предупредија дека би можеле да излезат од контрола.

„Тајванската војска ќе реагира претпазливо, но, сепак, постои ризик од судир. На пример, ако кинеските авиони влезат во тајванскиот воздушен простор, постои можност Тајван да се обиде да ги пресретне“, изјави аналитичарката Бони Лин.

Извори од Тајпеј кажаа дека десетина кинески бродови утрово на кратко ја преминале неформалната линија на разграничување во Тајванскиот Теснец.

Најавено е дека вежбите ќе траат до недела.