Тој е производ што потсетува на јогурт и кисело млеко, но не е ниту едното ниту другото, дури ни по вкус не потсетува на ниту еден од двата производа. Кефирот го сакате или не, а тој секако заслужува да се најде во исхраната поради многуте корисни состојки и благотворни дејства на целиот организам
Кефирот е ферментиран производ, во чиј состав има ензими и микроорганизми. Токму тие придонесуваат организмот постојано да се чисти од штетни материи, а со тоа влијае добро и на вашето здравје. Кефирот има изглед на зрнца, кои личат на мали печурки, а можат да пораснат до големина на орев. Тие се белузлави и имаат гумена структура, а се комбинација од млечна киселина, стрептококи, микрококи, габи и бактерии и богати се со масти и протеини. Друга работа која исто така треба да ја знаете е дека кефирот може да биде млечен, тоа е оној кој најчесто се консумира, а може да биде и воден. Кога зрната кефир ќе се измешаат со млеко и кога ќе се помине цела процедура, се добива производот каков што сите го знаат. Кефирот може да се додаде во било какво природно млеко.
Кефирот го подобрува варењето
Ова е докажано како точно. Имено, кефирот помага да се воспостави балансот во цревата кој може да е нарушен од разни причини. Тој влијае позитивно на многу иритации на цревата. Исто така е важно да знаете дека кефирот треба да го консумирате во ситуации кога поради некоја друга болест, препорачано ви е да пиете антибиотици. Сите знаеме колку се тие штетни за нашиот организам, односно од една страна лекуваат разни болести, но од друга страна лошо делуваат на стомакот. Затоа кога треба да пиете антибиотици, задолжително набавете и пијте кефир. Исто така, тој ќе ви помогне при полесно труење со храна, како и при некои воспалителни процеси на цревата. Тој ги содржи сите бактерии неопходни за вакви ситуации.
Позитивно влијае на имунитетот
Одржувањето добар имунитет е од витално значење за секој човек и за таа цел сите се обидуваат да го зајакнат со здрава исхрана или користење различни витамини, минерали и сл. Со повремено консумирање кефир, дури и ако немате никакви проблеми, вие ќе си помогнете во одржувањето здрав имунитет.
Алергиите кои можат да го нарушат целиот организам, особено оние што имаат врска со респираторниот систем, можете да ги ублажите со редовно консумирање кефир. Тој позитивно влијае со смирување на воспалителните клетки, кои се главен виновник за натрупување слуз и намалување на функцијата на белите дробови во тие кризни моменти. Исто така добро е да знаете дека кефирот позитивно влијае на кожата, и тоа на акни, егземи, псоријаза и некои видови осип. Уште да споменеме дека добро влијае на регулација на крвниот притисок, зајакнување на коските, подобра циркулација на крвта, болести на срцето, ги штити црниот дроб, слезината, бубрезите, а добар е при состојби на замор и стрес.
Како да направите домашен кефир
Зрнцата кефир најчесто се добиваат на подарок од некој што веќе го произведува, затоа што се размножуваат брзо. Тие треба да се прелеат со млеко (козјо, овчо, кравјо) и да се остави да стои 24 часа на топло. Потоа треба да се исцеди при што цело време треба да користите пластични алатки и садови, никако метални. Исцедениот кефир се чува во фрижидер и се пие редовно. Постапката со полевање со млеко се повторува за правење нова количина пијалак.