Австриецот Ервин Перзи Први, кој по струка бил мајстор за хируршки инструменти, сосема случајно ја создал снежната топка во далечната 1900-та година. Имено, непосредно пред тоа е смислена сијалицата, но тогаш нејзината јачина и светлост, била многу послаба споредено со денес.

За да ја засили светлоста на сијалицата, Ервин, планирал пред неа да стави топка исполнета со вода. Видел дека тој трик, служејќи се со свеќа и топка со вода, некогаш го користеле чевларите. Меѓутоа, неговата идеја со сијалицата не функционирала.

Се откажал од таа идеја и по неколку дена, сосема случајно во топката му се истурило гриз, производ којшто често се употребува како храна за деца. Гризот многу тешко се спуштал на дното на куглата, а тоа го потсетило на врнењето на снегот. Бидејќи бил доста вешт со минијатурниот хируршки прибор, во топката ставил макета од црква и така настанала првата снежна кугла.

Работата ја продолжил неговиот син, после Втората светска војна и во топката додал нови елементи, како: Снешко, Дедо Мраз, елки и друго. Денес, семејниот бизнис го води неговиот внук, Ервин Перзи Трети. Познат е фактот дека во топката ставаат вистинска алпска вода, но никој не знае од каков материјал го прават снегот, кој паѓа нежно и бавно.

Постои и друга верзија на приказната, која вели дека снежната топка е произведена од една компанија за производство на стакло во Париз, во 1887 година.

Во топката имало макета на џуџе со чадор во раката и прав, кој кога ќе се сврти топката наопаку, делувал како вистински снег. Слични изуми се ширеле и низ Америка, но цврст е фактот дека семејството Перзи го има прославено овој украс многу повеќе од било кој друг.

Индустријата за изработка на снежните топки, денес е распространета низ целиот свет, а кога ќе посетите некои од божниќните саеми во било кој град, со сигурност ќе најдете еден куп вакви декорации. Оргиналната снежна топка можете да ја најдете во Christkindle Markt во Виена, додека нејзини разни варијанти се достапни и на интернет.

На пример, интернет продавницата Амазон во својата понуда има, од класични снежни топки, па се до оние најмодерните, исполнети со дрва, коњи- еднорози, па дури и со ликовите од популарниот анимиран филм: „Ноќен кошмар пред Божиќ“, од режисерот Тим Бртон. Се продаваат и снежни топки, кои може да се стават на божиќна елка.