Соединетите држави и Германија денеска се очекува да дадат зелено светло за испраќање модерни тенкови во Украина, известуваат повеќе извори, во важен пресврт за кој Киев се надева дека ќе ја смени рамнотежата на бојното поле додека Русија врши огромен притисок врз украинските бранители во Донбас. Германскиот канцелар Олаф Шолц треба да објави испорака на тенкови „Леопард 2“ во Украина во денешното обраќање до парламентот, изјавија за „Политико“ двајца функционери кои знаеле за ова прашање. Шолц, исто така, се очекува да објави дека Германија ќе им дозволи на другите сојузници како Полска да ги испратат своите тенкови Леопард во Украина, рече еден извор. Германскиот магазин Der Spiegel исто така објави дека Шолц одлучил да ѝ подари на Украина тенкови Леопард.