„Препораките за одземање на мобилни телефони во наставата помина одлично во јавноста, меѓу родителите и меѓу учениците. Дополнително, на класниот час повеќе се говори, преку презентации и посочување на класните раководители во делот на меѓуврсничко насилство, сајбер насилство и другарство. Лично присуствував на неколку класни часови кадешто се отворија дискусии, дел од учениците почнаа да раскажуваат како биле дел од мобинг и како тоа се решавало. Значи, за овие теми треба многу да се разговара и многу да се работи, а ние како Општина преземаме одговорност преку многу повици, проекти и работилници сето ова да го намалуваме и да не биде појава во општината“. Ова го потенцираше градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски за МРТ.
Герасимовски, информираше дека пред неколку денови го посетил ООУ„Кочо Рацин“, а на самиот влез имало дежурни ученици, како дел од препораките што сите основни училишта на територија на Центар ги имаат прифатено од општината.
„Целта ни е да знаеме кој влегува и излегува од училиштето. Дополнително, имаме и препорака да гледаме што се случува на ТикТок и како учениците се самоповредувааат. Имаме насока, самите наставници да одвојуваат повеќе време, да посветат внимание на големиот одмор, внатре и надвор од училиштата и да бидат заедно со учениците“, рече Герасимовски.