Редовниот есенски извештај на Европската комисија за состојбата на економиите во членките на ЕУ предвидува влошување на ситуацијата, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според прогнозите на Европската комисија се очекува инфлацијата, која веќе достигна рекордни нивоа во ЕУ, уште да се зголемува во наредните месеци, по што би требало да почне да се намалува.
Пикот на инфлацијата е “поместен” за крајот на годината, и стапката да достигне 9,3 отсто во ЕУ и 8,5 отсто во еврозоната. Од 2023 година таа би требало да почне да опаѓа, но умерено, на седум отсто во ЕУ и 6,1 отсто во еврозоната. Во 2024 се очекува пак да биде три отсто за ЕУ и 2,6 отсто за еврозоната.
Во споредба со прогнозите на Европската комисија од летото, стапката на инфлацијата претставува зголемување од речиси еден процентен поен за годинава, и над два процентни поени за 2023.
Ревидираните бројки се должат на високата цена на гасот и струјата што вршат притисок врз речиси сите други производи.
Што се однесува до економскиот раст, вестите не се пооптимистички. И покрај подобрување во првата половина од оваа година, се очекува ерозија на куповната моќ во ЕУ и построги услови за финансирање што ги турка повеќе земји на ЕУ кон рецесија во последниот квартал од оваа година, наведува Европската комисија. Сепак добрите резултати од почетокот на годината треба да овозможат раст на реалниот БДП на 3,3 отсто во ЕУ и 3,2 отсто во еврозоната, што е поголема бројка од прогнозите на Комисијата летово.
Намалениот раст се очекува да продолжи и во првиот квартал од 2023, а да се подобри на пролет кога инфлацијата постепено ќе се ублажува.