Еден од основачите на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, ги повика американските законодавци да го регулираат развојот на вештачката интелигенција (ВИ), оценувајќи дека саморегулацијата на компаниите од оваа област не е доволна.
„Никој не мисли дека саморегулацијата е доволна“, рече Гејтс во интервју за „Ен-би-си“, кое во целост ќе биде емитувано во недела.
Прашан дали во Вашингтон е потребно да се донесе закон со кој би се регулирал развојот на ВИ, Гејтс одговори потврдно и истакна дека полицијата и политичарите мора да бидат вклучени во разговорите за заштитните мерки и надзорот над оваа технологија.
Тој оцени дека таквата регулација би претставувала дополнително оптоварување за индустријата за вештачка интелигенција, но дека не би го забавила драматично нејзиниот развој.
Гејтс предупреди и на можноста ВИ да биде злоупотребена за предизвикување масовна штета, наведувајќи дека технологијата е „доволно моќна за да покрене настани што би можеле да доведат до смрт на милијарда луѓе“.
Според него, комбинацијата од луѓе со лоши намери и најновите алатки за вештачка интелигенција претставува потенцијално најмоќното оружје досега.
Неговите изјави следуваат откако директорите на компаниите „Опен АИ“ и „Антропик“, меѓу најголемите американски лаборатории за развој на ВИ, оценија дека трката за развој на моќни системи за вештачка интелигенција треба да се забави.
Директорот на „Антропик“, Дарио Амодеи, се заложи за федерална и меѓународна соработка, наведувајќи дека најефикасен начин за забавување на развојот би било воведување прописи што би важеле за сите водечки американски компании за ВИ.
Директорот на „Опен АИ“, Сем Алтман, оваа недела повика на меѓународни стандарди за процена на способностите на системите за ВИ, ризиците, заштитните мерки и зачувувањето на човечкиот надзор.
Од друга страна, основачот и директор на „Мета“, Марк Закерберг, оцени дека не е потребна координација на целата индустрија, туку дека секоја компанија треба самата да го забави развојот кога ќе процени дека тоа е потребно за да се обезбеди безбедност.
Во САД, одделни сојузни држави веќе почнаа да воведуваат мерки за регулирање на компаниите за ВИ и центрите за обработка на податоци кои го поддржуваат нивниот развој.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, минатата недела потпиша извршна уредба со која се формира одбор од експерти задолжен за изработка на план за зајакнување на прописите за безбедност на ВИ, додека гувернерите на Мериленд и Њујорк, Вес Мур и Кети Хокул, оваа недела претставија планови за дополнително регулирање на оваа област.
Претседателот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Мајк Џонсон, претходно изјави дека не треба да се брза со федералното законодавство, наведувајќи дека Конгресот би можел да донесе мерки што би биле штетни за националната безбедност.
Претседателот на „Мајкрософт“, Бред Смит, меѓутоа, оваа недела на собир на Обединетите нации посветен на ВИ и човечкиот развој изјави дека компаниите не треба да чекаат федерална регулатива за да го забават развојот.
Тој ги повика технолошките компании безбедноста на корисниците и јавноста да ја стават пред трката за развој на сè понапредни производи со вештачка интелигенција.























