Музичарот Един Осмиќ, познат под уметничкото име Едо Маајка, за време на карантинот бил дома со семејството, бидејќи како и за многу негови колеги, кариерата му е на чекање. Тој во интервју за Аваз.ба раскажа како ги поминува деновите во пандемија и што е ново во неговиот живот.

Без концерти, работа во студио, само со запишување идеи за идни проекти, кои ќе почекаат подобри времиња, пандемијата го поттикнува музичарот на разноразни хуманитарни акции и размислувања како да им помогне на луѓето што немаат апсолутно никакви приходи.

Мислам дека не можеме да чекаме некој од некое министерство да се погрижи за стотици и илјадници музичари, кои не примаат апсолутно никаква помош, мораме да смислиме некоја акција со која ќе им помогнеме на луѓето за да им олесниме да го дочекаат летото и се надевам на постепена економска активација на тој сектор. Постојано размислувам за тоа во последно време – открива музичарот.

Instagram

Тој зборуваше и за личното преживување, со кое со соочи во новата ситуација.

Едно време работев како готвач, но и тоа се затвори. Држев работилници за креативно пишување и музика. Имам малку искористливи вештини за овие ковид времиња. Сега планирам да започнам поткаст, се надевам набрзо, кој ќе се занимава со музика, психологија, луѓе, сè и сешто и се надевам дека нешто добро ќе излезе од тоа. Искрено не сум фокусиран на себе, туку на луѓето околу мене, кои се во многу полоша ситуација и така ми е полесно – вели тој и додава дека не гледа телевизија, ретко отвора портали, а социјалните мрежи ги посетува понекогаш за да види какви новости споделуваат луѓето кои ги следи во книжевноста, музиката и духовноста.

Јас сум емпатичен, така што следењето на сите тие податоци и расправи за мене е повеќе погубно од добро и престанав со следење на тоа уште во март – признава тој.

Поради короната тој и сопругата подолго време не биле во Израел, каде што живее дел од неговото семејство.

Ни фалат членовите на семејството што живеат таму. Таму рестрикциите се поригорозни во споредба со Балканот, контролата е поголема, луѓето добиваат СМС-предупредувања ако малку се оддалечат од домот, полицијата е немилосрдна, тешко им е, добиваат искуства што можеби ќе им помогнат да имаат повеќе разбирање за соседите. Едни се плашат од нетестирани вакцини, други едвај ги чекаат, невработеноста е поголема од кога и да е, само времето е поубаво отколку кај нас. Добро ни е нам во Загреб – смета музичарот.

Instagram

Тој открива дека е новост тоа што живее поздраво во споредба со порано.

– Пресуден момент беше кога пред два месеца еден пријател, кој е десетина години постар од мене, ми се јави и ме викна на Сљеме. Јас дојдов со вреќа за собирање печурки мислејќи дека станува збор за утринска прошетка. Кога стасав таму, видов дека дошол со група уште постари момци, кои секој ден се искачуваат брзо низ ридот и тоа за нив е многу сериозна работа. Се откажав по два километра и повеќе не можев да дишам. А кога се симнавме долу, се разбудив на некој начин и бев засрамен како никогаш дотогаш. Сега тоа брзо одење угоре ми е раноутрински ритуал, заедно со уште некои вежби што ги почнав додека имав проблеми со грбот. Се сетив дека сум готвач и почнав здраво да готвам и да јадам и сум психофизички позадоволен од порано. Не одам во вежбалници, ниту вежбам надвор додека ова со коронава не заврши, но не ми ни треба. Да не е тоа одење и срамотење, сега одвај ќе одев до продавница и дома, како порано – истакна Едо.