Десет лица, меѓу кои пет деца, загинаa во пожар кој рано утрово избувнал во станбена зграда во предградие на францускиот град Лион, јавуваат агенциите.

Advertisements

Локалните власти за регионот Лион/Рона соопштија дека пожарот бил пријавен кај службите за итни случаи во 3.12 часот, а десетина минути подоцна околу 170 пожарникари и 65 противпожарни возила биле на местото.

Службите за итни случаи известија дека пожарот избувнал во станбен блок од седум ката во населбата Мас ду Торо, во предградие на Лион.

Според инфромациите уште четири лица се во критична состојба, а десет други, меѓу кои и двајца пожарникари се исто така повредени.

Причината за пожарот, како што соопштија локалните власти, во оваа фаза сè уште е непозната.

Францускиот министер за домување, Оливие Клајн, рече дека разговарал со градоначалничката на Волкс-ан-Велин, Хелен Жофрој и дека ќе го посети градот.

„Одам таму утрово за да бидам покрај жителите, локалните власти и службите за итни случаи“, напиша тој на Твитер.