Владата на Црна Гора денеска со мнозинство гласови го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност Саво Кентера на предлог на премиерот во технички мандат Дритан Абазовиќ, објавија црногорските медиуми.

Во Црна Гора е актуелна аферата со шверц на цигари и протерување граѓани кои се осомничени дека работат за руски служби. И двата случаи ги води АНБ во соработка со Специјалното државно обвинителство. Кентера важи за човек близок до НАТО и САД.

Абазовиќ претходно денеска изјави дека има „одредени забелешки“ за работата на Агенцијата за национална безбедност во врска со шверцот со цигари.

Кентера беше назначен за в.д директор на АНБ на 5 мај, по разрешувањето на Дејан Вукшиќ, кој тогаш со поранешниот премиер ја основаше Демократската христијанска партија. И двајцата се блиски до Српската православна црква (СПЦ).

Поранешниот директор на Управата за приходи и царина на Црна Гора, Раде Милошевиќ, пред два дена поднесе оставка. Тој претходно беше сослушан за шверц на цигари и изјави дека не се плаши од апсење и дека бил жртва на обид да се собори Абазовиќ.

Во рамки на истрагата за исчезнувањето на камион полн со цигари наменети за уништување, приведени се повеќе службеници на Управата.

По акцијата на АНБ на 29 септември, во соработка со меѓународните партнери на Црна Гора, а по налог на Специјалното државно обвинителство, беше покрената истрага против неколку лица во Подгорица поради сомнение дека соработувале со руската тајна служба.

Потоа Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност го прекинаа престојот и забранија влез во Црна Гора на 28 странски државјани осомничени дека работат за странски служби. Меѓу нив е и поранешниот амбасадор на Србија, Владимир Божовиќ.

Официјална Подгорица на 29 септември го прекина престојот на шестмина руски дипломати од руската амбасада во Подгорица.

Москва го окарактеризира тој чин како непријателски и го затвори Конзуларното одделение во Подгорица.

Прикажи повеќе