Поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, обвини за сериозни злоупотреби во безбедносно-разузнавачкиот систем, за време на претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ.

Тој во текст објавен на социјалните мрежи пишува дека безбедносно – разузнавачките институции не се реформирани, а во нивните рамки се направени сериозни злоупотреби кои мора да бидат предмет на истрага од страна на Јавното обвинителство. Овие злоупотреби, според Чулев, се потврда за користење на институциите за следење и негативно етикетирање на личности, како и за обиди за спречување на промена на власта.

„Во контекст на наводите објавени од премиерот Христијан Мицкоски за фабрикувани конструкции за пара-полициски вооружени формации, јавно го повикувам Обвинителството да истражи зошто ваквите информации не беа доставени до МВР, иако тоа експлицитно го побаравме во неколку наврати. Имено, по преземањето на функцијата технички министер, побарав писмено, но и во рамки на работен состанок, од надлежните институции да достават информации за потенцијални безбедносни ризици во пресрет на одржување на изборите. Вакви информации, до мене, МВР, но и до владата и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во тој период воопшто не беа доставени“, вели Чулев.

Ексминистерот натаму прашува доколку институциите располагале со такви информации за сериозни безбедносни закани, зошто истите не биле доставени до надлежните институции во исклучително сензитивниот предизборен период и покрај тоа што истото во неколку наврати било побарано од негова страна. Додава дека неопходно е јавното обвинителство да отпочне активности за решавање на овие отворени прашања и утврдување на сите инволвирани лица и незаконски дејствија.