
Претседателот на Собранието Африм Гаши пред медиумите ја објасни реакцијата за пресудата на Хашкиот суд за четворицата водачи на ОВК- Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими. Собранискиот спикер кажа дека тој својот став го изнел на својот личен фејсбук-профил и во него никаде не се повикал на Собранието.
Според Гаши, иако е прв човек на парламентот, тој има право на своја приватност и став и како граѓанин и како политичар за одреден настан, ситуација или прашање, независно од функцијата на која во моментов се наоѓа.
„Очекувам и вие новинарите, и граѓаните да сфатат дека личноста Африм Гаши не може да биде 24 часа, и од политички аспект, само претседател на Собранието. И затоа свесен дека не го кажувам тоа од позиција на претседател на Собранието, тоа беше мој личен став од моето политичко минато и затоа беше јасно дека никаде не се повикав на Собранието или на институцијата. Затоа би сакал и вие и граѓаните да разберат дека тоа е мој личен став и не треба да се меша со функцијата која ја извршувам“, изјави Гаши
Откако Специјализираниот совет ги изрече пресудите за поранешните водачи на ОВК, Гаши во објава на својот фејсбук-профил, напиша дека тие припаѓаат на славно поглавје во историјата на Косово. Посочувајќи оти станува збор за првостепена пресуда на која е дозволена жалба, претседателот на Собранието наведе и дека тоа е „денот кога сите треба да застанат заедно, и со достоинство и смиреност да докажат дека нивните умови и срца се блиску до ослободителите на Косово и нивните семејства“.
Текстот Тоа беше мој личен став, вели Гаши за реакцијата за пресудата за водачите на ОВК е превземен од МАКФАКС.























