На плоштадот во Скопје беше одбележана 31-годишнината од независноста на Украина, која се соочува со руската инвазија. Странски амбасадори со украински знамиња во рацете и дадоа поддршка на Украина. Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Барнс изјави дека САД играат важна улога во поддршката за Украина.

„Мислам дека е многу важно да сме обединети како дипломатска заедница со Здружението на Украинците овде, да запомниме дека сè е за нив, за луѓето, за овие жени, деца и семејства кои пред 6 месеци се разбудија од напад на агресор, кој ја нападна државата, нивната татковина. Бомбардирани се цркви, училишта, објекти, инфраструктури. Важно е да се пренесе пораката дека сме обединети. САД играат важна улога во глобалните напори за обезбедување поддршка, вклучително и преку лидерство, за Украина. Ова значи поддршка безбедносна, хуманитарна, економска. Горди сме што имаме силен партнер во Европа, но и во целиот свет, еден од нив е Северна Македонија како непоколеблив партнер, која покажа поддршка и солидарност за Украина“, рече Брнс.

Претставници на украинската амбасада и здружението во Скопје истакнаа дека војната ги промени работите во целиот свет.

„Украинците докажаа дека се непобедливи. Им благодариме на сите што ја покажаа својата сила во овој период, на сите што се бореа и се борат за Украина и им помогнаа на нашите војници. Благодарам на сите наши пријатели ширум светот за помошта и поддршката за Украина“, изјави Руман Буга, прв секретар во Амбасадата на Украина.

„24 август е најважниот празник за Украинците, затоа што независноста е токму она што Украина го претставува денес“, рече Олександар Урбановиќ, Здружение на Украинци.

Пред 6 месеци Русија започна безмилосни напади врз Украина. Москва се соочи со сериозни меѓународни санкции, кон кои се приклучи и Македонија.

Мефаил Исмаили