По разговорот со Борел и Курти, Вучиќ за медиумите изјави дека била исклучително тешка средба и дека ќе има уште една средба на 18 март во Северна Македонија, кога Борел ќе го посети регионот
На денешните разговори во Брисел, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти изразија подготвеност Белград и Приштина да ги спроведат постигнатите договори, но потребни се дополнителни средби, изјави високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика Жозеп Борел, по средбата со српскиот и со косовскиот лидер.
„Постигнат е напредок, но потребна е дополнителна работа за да се спроведе договореното“, изјави Борел, пренесува „ФоНет“.
Средбата меѓу Вучиќ и Курти со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, започна нешто пред 18 часот, околу 45 минути подоцна од планираното. Средбата траеше цели два часа.
„Тешка средба. Како што се очекуваше. Нема предавање“, напиша Александар Вучиќ на Инстаграм, веднаш по завршувањето на средбата.
По разговорот, Вучиќ за медиумите изјави дека била исклучително тешка средба и дека ќе има уште една средба на 18 март во Северна Македонија, кога Борел ќе го посети регионот.
„До тогаш треба да разговараме со Лајчак. Ќе се разговара за неопходноста од спроведување на сите досегашни договори. ЗСО се подразбира, и мислам дека господинот Курти не беше спремен да го прифати тоа сега, ќе видиме во иднина. Се плашам дека можеме да останеме заглавени во нешто што одамна требаше да се исполни“, изјави Вучиќ./360stepeni/