Во емисијата „Меморија без рецепт“ на бугарската телевизија „Евроком“, се коментираше 30-годишнината од признавањето на независноста на Македонија од страна на Бугарија, првата земја која тоа го направи.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, гостин во емисијата беше и Стефан Тафров, тогашниот бугарски заменик-министер за надворешни работи, која кажа дека желбата на неговата земја била да испрати силен сигнал до народот на Македонија, дека таа не е нејзин непријател и со одлуката прво да ја признае независноста сакаше да ја покаже неоддржливоста на југословенскиот концепт дека Бугарија е непријател број 1 на Македонија.

На овој начин, според Тафров, Софија испратила силен сигнал за пријателство и братство. Бугарија тогаш се уште не знаела какви дејствија ќе преземе југословенската војска, која беше стационирана во Македонија, дали ќе ја окупира и како ќе реагира режимот на Слободан лошевиќ во Белград.

-Во тие моменти, со признавањето на Македонија, Бугарија, како сериозен регионален фактор, ги стопираше ваквите воени сценарија, оцени Тафров.

Тафров потсети дека уште тогаш Грција изразила негативен став поради името на Македонија, што претставувало дополнителен проблем за Бугарија. Тој кажа дека заедно со тогашниот премиер на Бугарија, Филип Димитров, и претседателот Жељо Желев, изразиле желба Бугарија да ја признае Македонија, но Софија да не биде изолирана од меѓународната заедница.

Очекувањата беа за време на португалското претседателствување со ЕУ да се признаат Словенија и Хрватска, но немаше консензус за Македонија и Босна и Херцеговина.

Додека Тафров патувал со авион со Роберт Бадентер од Париз за Стразбур за да присуствува на конференцијата на Советот на Европа, тој ја објаснил важноста на Македонија за балканскиот процес, што ја поттикнало Бадентеровата комисија да препорача признавање на двете поранешни југословенски републики Словенија и Македонија. Со оваа препорака Тафров влегол во салата каде што заседавала бугарската Влада и им објаснил дека Бандетер препорачал признавање на Македонија, по што бугарските министри почнале да се гушкаат, а министерот за правда Светослав Лучников се расплакал.

Тафров кажа и дека разговарал со турскиот Амбасадор во Софија, Јулчан Орал, и му понудил Анкара да ја признае независноста на Македонија, на што тој му рекол дека нема проблем, но за возврат побарал Бугарија да ја признае независноста на Босна и Херцеговина, на што Тафров одговорил дека нема да има проблем и за тоа.

Бугарија првата ги призна четирите поранешни југословенски републики – Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска, а Турција тоа го стори 20 дена подоцна.

Љубчо Нешков, кој, исто така, учествуваше во емисијата на новинарот Горан Благоев, се потсети дека неговиот татко, кој бил политички затвореник од поранешна Југославија, со солзи во очите ја примил веста и многу денови минал на телефон во Варна, каде што живееле, разговарајќи за веста.

Но, според Тафров, историската заслуга за признавањето на Македонија има бугарскиот претседател Жељу Желев и премиерот на земјата Филип Димитров.

Вечерта кога Бугарија ја призна Македонија и другите три поранешни југословенски републики во кабинетот на бугарскиот премиер Филип Димитров, каде имаше скромна прослава, на која присуствуваше и дотогаш отсутниот бугарски министер за надворешни работи Стојан Ганев, кој направил скандал и побарал оставка од Тафров, бидејќи бил изигран од двајцата, по што ја напуштил функцијата и отишол за бугарски амбасадор во Италија.

Друг интересен детал што го објави Стефан Тафров е дека Стојан Ганев не сакал Македонија да биде признаена бидејќи германскиот министер за надворешни работи, Ханс Дитрих Геншер, му рекол да не брза.

Тогаш министерот за финансии, а подоцна и премиерот на Бугарија, Иван Костов, ги прашал присутните министри од владата „па, ова е мислењето на германскиот министер за надворешни работи, а кое е мислењето на бугарскиот министер?“ на што Тафрок кажал дека бугарското МНР и бугарскиот Амбасадор во СФРЈ, Марко Марков, сметале да се предложи  Македонија во тој момент да биде признаена од Софија.