Велшката пејачка Бони Тајлер се разбудила од индуцирана кома во Португалија, каде што се опоравува по срцев застој што го доживеала по итна операција.

„Бони повеќе не е во кома, но и натаму е тешко болна. Иако нејзината состојба се подобрува, закрепнувањето е бавно“, изјавил нејзиниот претставник за британскиот таблоид „Д Сан“.

Според британските медиуми, 75-годишната пејачка сè уште се наоѓа на одделение за интензивна нега во болница во Фаро, но лекарите очекуваат целосно закрепнување.

Здравствените проблеми започнале додека Тајлер престојувала во Лондон. Нејзиниот долгогодишен пријател Либерто Меаља изјавил дека лекарите првично не откриле причина за нејзините тегоби, по што таа отпатувала во Алгарве, каде што почувствувала силни болки во стомакот.

Два дена подоцна била примена во приватна болница, а потоа итно префрлена во болницата во Фаро, каде што била оперирана поради пукнато слепо црево. По операцијата доживеала срцев застој и била ставена во индуцирана кома за да се поттикне нејзиното закрепнување.

Поради здравствената состојба, откажани се сите настапи на Бони Тајлер до крајот на август. Нејзиниот менаџмент им се заблагодари на обожавателите ширум светот за поддршката и пораките со желби за побрзо оздравување.

Текстот Бони Тајлер се разбуди од индуцирана кома е превземен од МАКФАКС.