Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека од понеделник на сите вакцинални пунктови ќе може да се прима третата доза од вакцината против ковид-19. Рече дека критериумите и препораките кои ги даваат се врз основа на искуства од други земји и врз основа на препораки на меѓународни организации и врз основа на тоа, кај нас трета доза ќе може да примат повозрасните граѓани над 60 години, како и сите останати без разлика на возраста луѓе со имунокомпромитиран систем и за здравствените работници.

-Третата доза ќе биде од производителот Фајзер, без разлика со која вакцина претходно се вакцинирани граѓаните. Исто така, третата доза од вакцината според нашите препораки ќе се дава на лица кои се најмалку 6 месеци вакцинирани. Во земјава има доволно вакцини и тоа на сите вакцинални пунктови. По вчерашната пратка од 100.000 вакцини Фајзер, сега вкупно од овој производител има 250.000 дози, 50.000 Синовак и 100.000 дози Астразенека, истакна министерот Филипче.

Нагласи и дека препораката за трета доза важи и за оние кои прележале ковид-19. , а во Македонија ќе може да примат и оние кои претходно се вакцинирале во странство, но за тоа ќе треба да се пријават во кој било пункт во земјава за да се внесат нивните податоци, по што ќе можат да добијат и македонски сертификат.