Принцот Хари повторно проговори за тешките периоди од животот во кралското семејство. Во ново предавање на „Maste Class“, снимено во Калифорнија, војводата од Сасекс детално ги опиша тешките напади на анксиозност што ги доживеал. Тој изјави дека дури и јаката на кошулата го правела да се чувствува задушено. Преку своите искуства, тој ја поврзал тагата поради смртта на неговата мајка Дијана, воената мисија во Авганистан и притисокот од кралските должности, пишува францускиот „Close “.
„Почнав да сфаќам дека веројатно сум целосно исцрпен. Само облекувањето обична кошула и закопчувањето на јаката ме правеше да се чувствувам задушено. Имав напади на паника дури и во автомобилот, на пат кон работа“, рече тој. Додаде дека тогаш сфатил дека се случува нешто посериозно со кое мора да се справи.
Тој објасни дека се чувствувал емоционално вкочанет, како да бил под анестезија. Поминал десет години во војска и отслужил две мисии во Авганистан, но тоа не му донело никакво олеснување. „Имам многу проблеми, но ниту еден од нив не е директно поврзан со Авганистан. Но, Авганистан беше причина за сè“, рече Хари. „Ако ја изгубите мајка си на 12 години, мора да се справите со тоа, а јас дури и не го направив тоа 15 или 17 години подоцна.“
Тој го опиша периодот од 28 до 32 години, кога бил на кралски должности, како „вистински кошмар“. Рече дека добивал напади на паника секогаш кога ќе видел камера или морал да влезе во автомобил. Верува дека неговото семејство било рамнодушно и го замолило да „игра според нивните правила“.
По преселбата во Канада, тој доживеал, вели тој, ненадеен нервен слом. „Западнав во депресија што траеше околу две недели“. Денес, за своја заштита, тој се придржува до едно важно правило: „Се обидувам никогаш да не поминувам повеќе од десет дена одвоен од сопругата и децата“.

















