Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша указ со кој се ограничува медиумското известување за оштетувањата на критичната инфраструктура, како и за времетраењето и динамиката на нејзината поправка. Мерката се однесува и на изградбата на заштитни објекти околу клучните енергетски постројки.

Указот ја спроведува одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина од 23 октомври, донесена во рамки на подготовките за грејната сезона 2026/2027 година.

Со одлуката, владата добива задача итно да преземе мерки со кои ќе се забрани објавување информации за штетите врз критичната инфраструктура и распоредот за нејзино санирање, објави „Украинска правда“.

Ограничувањето опфаќа и известување за напредокот во изградбата на заштитни објекти во клучните енергетски капацитети, но и во објектите што обезбедуваат основни јавни услуги. Тоа ги вклучува и проектите предвидени со сеопфатните планови за отпорност на регионите и градовите.

Ќе се утврдува кој е одговорен за заштитата на постројките

Министерството за одбрана и Генералштабот на украинската армија треба да изработат и одобрат план за заштита на одредени енергетски објекти од воздушни напади.

Планот треба да предвиди и именување конкретни функционери кои ќе бидат одговорни за постојаната противвоздушна одбрана на приоритетните енергетски постројки.

Советникот на Зеленски за комуникации, Дмитро Литвин, појаснил дека владата, Службата за безбедност на Украина и другите надлежни институции допрва ќе утврдуваат како ќе се спроведува забраната.

Тој посочил дека примената ќе биде сложена, бидејќи голем дел од информациите се објавуваат на анонимни канали на Телеграм.