Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е подготвен да се повлече на втора позиција во договор за ротација на премиерската функција со опозицискиот политичар Гади Ајзенкот, кој би ја водел владата во првата половина од мандатот. Понудата е дел од обидот да се формира влада на национално единство, но доаѓа во момент кога Ајзенкот веќе преговара за коалиција со која би можел да го замени Нетанјаху.

Според „Ројтерс“, предлогот покажува колкав притисок има врз долгогодишниот израелски премиер, додека неговиот ривал се обидува да обезбеди парламентарно мнозинство.

Ајзенкот доби мандат за составување влада од претседателот Исак Херцог, по изборите одржани на 27 октомври, на кои ниту еден политички блок не освои доволно места за самостојно формирање влада.

Во текот на неделата, неговата партија „Јашар“ потпиша коалициски договори со две партии – „Израел наш дом“ на Авигдор Либерман и „Демократите“ на Јаир Голан. Со нив располага со 36 пратенички места, а за парламентарно мнозинство се потребни 61 од вкупно 120 места.

Од партијата на Ајзенкот засега нема коментар за понудата на Нетанјаху.

Нетанјаху: Одговорноста ми налага да оставам сè настрана

Во официјалното соопштение, Нетанјаху навел дека и понатаму смета оти тој треба да ја предводи израелската влада. Сепак, посочил дека е подготвен да го стави тоа настрана поради безбедносните предизвици со кои се соочува земјата.

„Со оглед на големината на егзистенцијалната закана и можноста да се формира влада која нема да може да се справи со таа опасност, мојата одговорност како лидер ми налага да оставам сè друго настрана“, изјавил Нетанјаху.