Изборите во Шпанија в недела би можеле да имаат последици и надвор од границите на земјата, особено за европската социјалдемократија. Премиерот Педро Санчез, еден од највлијателните претставници на европскиот лев центар, се соочува со неизвесна изборна трка, а евентуалната промена на власта во Мадрид би можела да донесе и промена во европските политички позиции за миграцијата, одбраната и Блискиот Исток.

Санчез е на власт повеќе од осум години, а предвремените избори ги распиша во октомври, откако парламентот ги отфрли две итни уредби поврзани со решавањето на станбената криза. Растот на цените на недвижностите и трошоците за домување предизвикаа протести низ земјата.

Неговата малцинска влада во меѓувреме се соочи и со критики за справувањето со мигрантската криза во Сеута, како и со обвинувања за корупција против неговата партија и сопругата. И Санчез и неговата сопруга ги отфрлија обвинувањата.

Анкетите покажуваат тесна трка меѓу конзервативната Народна партија (ПП), со поддршка од околу 31 процент, и социјалистите на Санчез, кои имаат околу 29 проценти. Трета политичка сила е десничарската партија Вокс, со околу 18 проценти поддршка.

Тоа отвора можност ПП и Вокс заедно да обезбедат парламентарно мнозинство, но останува неизвесно дали ќе се договорат за формирање заедничка влада.

Можна промена на европската политика кон миграцијата

Според политичкиот аналитичар Хавиер Карбонел од Центарот за европска политика во Брисел, евентуалниот пораз на Санчез би значел губење на еден од најгласните претставници на европскиот лев центар.

Тој издвојува три прашања по кои шпанскиот премиер се разликува од голем дел од европските лидери: спротивставувањето на американскиот претседател Доналд Трамп, поддршката за палестинската државност и поддршката за имиграцијата.

Шпанската влада претходно годинава започна програма за регулирање на престојот на мигрантите кои веќе живеат во земјата и ги исполнуваат условите. Поднесени биле повеќе од еден милион барања.

Наспроти тоа, Народната партија се залага за построга контрола на имиграцијата, но и за задржување на можноста за вработување странски работници во секторите каде што недостига работна сила. Вокс бара значително намалување на имиграцијата, повеќе депортации и укинување на можноста за регулирање на престојот на новодојдените мигранти.

Според Карбонел, евентуална влада на ПП и Вокс би ја приближила Шпанија кон европските земји кои се залагаат за построга миграциска политика.

Одбраната и односите со Израел исто така на маса

Можно е да има промени и во одбранбената политика. Шпанија ги зголеми издвојувањата за одбрана од 1,24 проценти од БДП во 2024 на два проценти во 2025 година.

Сепак, Санчез се спротивстави на новата цел на НАТО за зголемување на годишните издвојувања на пет проценти од БДП до 2035 година, тврдејќи дека Шпанија може да ги исполни воените обврски со издвојување од околу 2,1 процент.

ПП и Вокс поддржуваат поголеми вложувања во одбраната, но во своите изборни програми не наведуваат конкретен процент.

Промена е можна и во односите со Израел. Шпанија во мај 2024 година ја призна палестинската држава, а Санчез повеќепати ги критикуваше европските двојни стандарди во однос на војната во Украина и случувањата на Блискиот Исток.

Во април тој се заложи и за суспендирање на договорот за асоцијација меѓу Европската Унија и Израел.

Аналитичарите оценуваат дека евентуална конзервативна влада во Мадрид би била помалку гласна во поддршката за Палестинците и би можела да придонесе за промена на досегашниот европски пристап.

Покрај политичките прашања, Шпанија бележи и економски раст. Економијата минатата година пораснала за 2,6 проценти, речиси двојно повеќе од просекот во еврозоната. Владата очекува ист раст и годинава, а за 2027 година проектира раст од 2,2 процента.

Евентуалниот пораз на Санчез, според аналитичарите, би значел губење на едно од најважните упоришта на европската социјалдемократија во големите земји на ЕУ.