Аце Велковски изнесе обвинувања за состојбите во детската градинка „Срцко“ во Лозово, посочувајќи дека вработените два месеци не добиле плата, а во изминатите пет години биле именувани 11 вршители на должност директор. Во својата објава, Велковски отвори прашања за финансиското работење на градинката, набавката на храната, користењето на просториите за партиски активности и евентуалната злоупотреба на средства, барајќи итна реакција и целосна проверка од надлежните институции.
Целосната објава на Аце Велковски:
11 ДИРЕКТОРИ за 5 ГОДИНИ
ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ДЕТСКАТА ГРАДИНКА „СРЦКО“ ВО ЛОЗОВО?
ДВЕ ПЛАТИ НЕИСПЛАТЕНИ
Два месеци вработените од детската градинка ,,Срцко” одат на работа, се грижат за нашите деца, а за трудот што го вложуваат не добиваат плата.
Градоначалникот Бошко Цветковски за пет години именувал дури 11 вршители на должност директор на градинката. Затоа е сосема оправдано да се праша: кој управувал, кој контролирал и кој ќе одговара за состојбата во која се наоѓа оваа установа?
Но, има и други прашања на кои родителите и јавноста заслужуваат одговор.
Дали е нормално децата да не добиваат свеж леб, а кујнскиот персонал да биде принуден на секои два дена да го замрзнува лебот па да го одмрзнува?
Дали е нормално макароните да се набавуваат по 110 денари? Бараме да се проверат набавките и цените, затоа што храната за нашите деца не смее да биде предмет на сомнителни практики.
Бараме надлежните да проверат и дали просториите на градинката се користат за партиски собири на ЗНАМ. Градинката „Срцко“ е јавна установа за нашите деца, а не партиски штаб на која било политичка партија. Тоа мора веднаш да престане.
Дополнително, постојат прашања и сомнежи околу патувањето на градоначалникот Бошко Цветковски и директорот, за кое се поставува прашањето дали било финансирано преку проектот „Еразмус“. Дали било службено или приватно патување? Кој ги платил трошоците и за која цел биле потрошени средствата?
Се поставува и сериозно прашање: зошто некои од завршните сметки на градинката не се усвојуваат на Управниот одбор? Кој ја контролира финансиската состојба и зошто за овие проблеми нема целосна и транспарентна информација пред Советот на Општина Лозово и надлежните институции? Барам да се испита дали градоначалникот и раководството на градинката ги прикривале овие состојби и зошто јавноста и институциите не биле навремено информирани.
Апелирам и да се стопира постапката за промена на името на детската градинка. Не смее една јавна установа да биде предмет на лични фрустрации или лични пресметки на градоначалникот Бошко Цветковски. Името на градинката не е лична одлука на градоначалникот. За ваква промена мора да има јасни причини, јавна расправа и почитување на волјата на граѓаните.
Затоа барам итна реакција од надлежните институции!
Барам Државниот завод за ревизија, Министерството за социјална политика, демографија и млади и другите надлежни органи да извршат целосна проверка на финансиското работење на градинката, исплатата на платите, завршните сметки, набавките на храната, користењето на средствата од проектот „Еразмус“ и евентуалната одговорност на раководството и општината.
Барам, вработените веднаш да ги добијат своите заработени плати, децата да имаат соодветна и квалитетна храна, а јавната установа да работи исклучиво во интерес на децата.
Доста е од молк и неодговорност. Некој мора да понесе одговорност!





















