Обединетите нации предупредија дека долгогодишните израелски напади доведуваат до целосен распад на здравствениот систем во Појасот Газа, пренесува агенцијата Анадолија.

Канцеларијата на ОН за човекови права соопшти дека во израелски воздушен напад на 11 ноември била погодена хируршката зграда во медицинскиот комплекс „Насер“, една од ретките болници што сè уште обезбедуваат медицинска помош во Газа.

Во нападот загинале шест Палестинци, меѓу кои дете и лекар, а околу 30 лица биле повредени. Кон зградата биле истрелани три ракети, од кои само една експлодирала, додека неексплодираните проектили и понатаму претставуваат опасност за пациентите и медицинскиот персонал.

ОН потсетија дека истиот медицински комплекс бил цел на напади и во август 2025 година, кога загинале 22 Палестинци, меѓу кои петмина новинари.

Од Канцеларијата за човекови права наведуваат дека израелската војска не доставила доволно информации за независно да се потврдат нејзините тврдења дека одредени медицински објекти ја изгубиле заштитата што им ја гарантира меѓународното право.

„Според меѓународното хуманитарно право, сите страни мора да ги заштитуваат и почитуваат медицинскиот персонал и здравствените установи. Болниците не смеат да бидат цел на напади ниту да се користат за воени цели“, порачаа од ОН.

Нападот се случил и покрај договорот за прекин на огнот во Газа, кој е во сила од 10 октомври 2025 година.

Според податоците наведени во извештајот, од почетокот на војната во октомври 2023 година загинале повеќе од 74.000 Палестинци, а над 175.000 биле повредени.