Традиционалната џез манифестација посветена на трагично починатиот музички уметник, Филип Стевановски, започна вчера во Занаетчиски дом, во организација на ИНОКС – Институт за наука, уметност, култура и спорт.

На првата фестивалска вечер (13.10.) настапија „BRAMHA“ и „NAKED“, на втората (14.10.) ќе се претстават „Пијан славеј“ и „Мемфис мафија“, третата финална вечер – „Последниот тон не е крај“ (15.10.), е резервирана за „DIATIC“ и „MAK BRAS“ и за доделување на благодарници за сите поддржувачи на манифестацијата.

Публиката ќе има можност да проследи филмски приказ во 3 дела, за еднодецениското „патување“ на фестивалот, кој со својата програма и квалитет, покажа дека е уникатна џез приказна.

Јубилејното фестивалско издание – „10 години звук, 10 години емоција“, средби и музички вечери, има хуманитарен карактер. Средствата се наменети за семејствата на жртвите од трагедијата во дискотека „Пулс“ – Кочани.

Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам на РСМ, во областа на музиката и музичко – сценската дејност, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово.