Потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска, на денешната прес-конференција ги претстави мерките од програмата „Твоја држава – твоја шанса“, насочени кон повисок животен стандард, повисоки плати и пензии и поголема заштита на работниците.
Тренчевска рече дека граѓаните живеат тешко поради постојаниот раст на цените и посочи дека за едно четиричлено семејство денес се потребни речиси 69.000 денари месечно за основните животни трошоци.
Таа наведе дека минималната плата не достигнала 600 евра и оти работниците и понатаму имаат меѓу најниските плати во Европа, додека пензионерите се соочуваат со зголемени трошоци и намален животен стандард.
Според Тренчевска, Владата предводена од Христијан Мицкоски не понудила мерки за заштита на животниот стандард во услови на економска криза.
Како дел од програмата, СДСМ предлага автоматско усогласување на минималната плата со трошоците за живот, инфлацијата и просечната плата, како и раст на платите во компаниите што остваруваат поголем профит.
Меѓу мерките се и намален данок на добивка или субвенционирање на придонесите за компаниите што ги зголемуваат платите.
Во делот на пензиската политика, Тренчевска најави зголемување на пензиите до 50 проценти во текот на еден мандат.
Таа ги посочи и мерките за заштита на работниците и ранливите категории, меѓу кои признавање на студентскиот стаж, заштита на хонорарците и сезонските работници, воведување дигитален пасош за работникот, како и додаток за домување и покриени трошоци за градинка за самохраните родители.
Текстот СДСМ: Повисоки плати, зголемување на пензиите до 50 отсто и поддршка за ранливите категории во програмата „Твоја држава – твоја шанса“ е превземен од МАКФАКС.





















