Откако дојде на власт, Мицкоски секојдневно зборува за непостоечки устав и закони што не постојат. Неговата последна изјава, дека високото образование на албански јазик наводно било „имплант“, е уште еден доказ за неговиот исклучувачки пристап, реагираат од ДУИ.

Од оваа партија оценуваат дека во важечкиот Устав не постои ниту една одредба со која се забранува високото образование на албански јазик.

Напротив, додаваат, ова право е загарантирано со важечкото законодавство.

„Парадоксално е што токму Мицкоски, кој со своите постапки го нарушува уставниот и правниот поредок, денес се обидува да го толкува Уставот, притоа кршејќи го, согласно сопствената политичка агенда. Со ваквите изјави тој не прави ништо друго освен што поттикнува меѓуетнички тензии и создава правна несигурност во земјата. Изворот на тензиите не е образованието на албански јазик, туку политиката што ги доведува во прашање правата загарантирани со Уставот и законите.

Не треба да се заборави дека ВМРО-ДПМНЕ, преку својата програма, која е дел и од владината програма, најави и вети укинување на Балансерот. Потоа, Уставниот суд се најде во центарот на процесот што доведе до негово укинување, отворајќи го патот за повреда на правичната и соодветна застапеност. Исто така, беа укинати имињата на улиците и плоштадите во Тетово, додека ВМРО-ДПМНЕ е еден од подносителите на иницијативите насочени кон укинување на Законот за употреба на јазиците“.

Според ДУИ, токму оваа влада ја исклучи дијаспората од пресметката, со што, како последица, на неуставен и незаконски начин, како што истакнуваат, го намали бројот на советници во општините со претежно албанско население.

Со ваквиот пристап, подвлекуваат од партијата на Ахмети, Северна Македонија се оддалечува од принципите на соживот, еднаквост и договор врз кои е изграден нејзиниот уставен поредок.

„Го повикуваме Мицкоски да се откаже од исклучувачката реторика, да престане со поттикнувањето тензии и да ги почитува Уставот и важечките закони. ДУИ ќе продолжи да се ангажира и да се спротивставува на секој обид за повреда на загарантираните права, бранејќи ја правната сигурност, еднаквоста и уставниот поредок на државата.

Бараме Вреди јавно и веднаш да се огради од овие политики, да ја напушти Владата и институциите. Во спротивно, ќе биде соавтор и соучесник во овие исклучувачки, поттикнувачки и деградирачки политики“.