Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека Унијата мора да го промени системот за пристапување за да одговори на потребите на Украина.
Кос оцени за денешниот „Фајненшл тајмс“ дека Брисел мора да биде иновативен, но исто така нагласи дека без оглед на евентуалната реформа на процесот на проширување, нема отстапка кога станува збор за основните принципи и стандарди поврзани со владеењето на правото, независноста на судството и корупцијата.
Како што пишува „Фајненшл тајмс“, Кос побара од земјите-членки брзо да постигнат договор за „различен систем“ за прием на нови членки, бидејќи Брисел стравува дека кандидатурата на Украина за членство ќе го преоптовари застарениот модел на пристапување.
„Ако има вистинско време за забрзување на проширувањето, тоа е сега“, изјави Кос за „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека е време главните градови на ЕУ „да преминат од зборови на дела“.
Не сум тука за да управувам со статус кво“, рече таа.
Интервенцијата на Марта Кос следеше по предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за воведување статус на „придружна членка“ за Украина, со бенефиции и интеграција што би биле под полноправно членство, додека Киев ги спроведува правните реформи потребни за формален влез во ЕУ.
Идеите наидоа на поделени реакции меѓу другите земји-членки на ЕУ, но и во самата Украина. Претседателот Володимир Зеленски рече дека предлогот на Мерц е неправеден, бидејќи ќе ѝ даде на неговата земја право да учествува на состаноците на ЕУ без право на глас.
„Корисно е затоа што ни е потребна сериозна дебата“, рече Кос кога беше прашана дали Европската комисија го поддржува предлогот на Мерц.
„Ја поддржувам дебатата. Ова е една од идеите и е добар почеток за разговорот. Доведувањето на проширувањето до крај е тема за лидерите“, рече Кос, користејќи го германскиот збор „chefsache“.
„Не знам каде ќе води ова, но се согласувам дека мора да најдеме решение, нешто различно од она што го користиме денес“, рече Кос, додавајќи дека лидерите на ЕУ со кои разговарала приватно ѝ рекле дека сакаат „комбинација од принцип базиран на заслуги и повеќе можности за постепена интеграција“.
„Ако го направиме ова правилно, би можеле да изградиме силен континент способен да им се спротивстави на противниците кои сакаат да нè видат како пропаѓаме. Но, ако не го направиме тоа правилно, другите ќе се вмешаат и нема да се двоумат да ја искористат целата своја моќ против нас“, додаде таа.
„Ова е навистина многу повеќе од само проширување. Станува збор за нашата иднина. Затоа се надевам дека лидерите ќе го препознаат ова и ќе покажат решителност и единство во грижата за иднината на нашата Европска Унија“, рече Кос.
Кос зборуваше во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Кипар, каде што главна тема е ставот на ЕУ кон Украина, Русија и војната. Ова ќе ги обликува подготовките за самитот на лидерите на ЕУ во јуни.
Кос рече дека, без оглед на евентуалната реформа на процесот на проширување, „нема опуштање кога станува збор за основните принципи“, осврнувајќи се на клучните стандарди на ЕУ во области како што се владеењето на правото, независноста на судството и корупцијата. Сепак, таа додаде дека Брисел мора да биде „иновативен“.
Кос оцени дека барањето на Зеленски Украина да се приклучи на ЕУ веќе следната година е невозможно, но дека имало позитивен ефект бидејќи донело итност во дебатата, и ја бранеше идејата за прилагодување на процесот на пристапување кон специфичната ситуација на Киев.
Словенечката комесарка, исто така, навести дека „вештачкото поврзување“ на процесот на пристапување на Украина и Молдавија би можело да се заврши ова лето со отворање формални преговори за двете земји.
„Ќе видиме кој ќе испорача резултати, кој ќе може да направи повеќе“, рече таа.
„Украина е едноставно премногу голема за да пропадне. Затоа заслужува посебно внимание“, рече Кос.
„Еден ден ќе имаме мир. Знаете, повеќе се плашам од тој ден, ако дојде пред да бидеме подготвени. Бидејќи тогаш ќе се постави прашањето: „Дали сме во можност да испорачаме?“. Колку побрзо добиеме упатства од лидерите, толку полесно ќе ни биде да се подготвиме“, додаде таа.
Текстот Марта Кос: ЕУ треба да го промени системот за пристапување, но нема отстапка во основните принципи е превземен од МАКФАКС.






















