Националниот парк „Шар Планина“ соопшти дека на една од нивните трап-камери била забележана мајка рис со малечко, при што и двете животни се во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.
Од паркот потсетуваат дека по успехот минатата година, кога првпат бил снимен мажјак на локалитетот Лешница, денес со радост објавуваат дека и мајка со младенче е регистрирана на територијата на Општина Боговиње. Според соопштението, станува збор за историски момент и резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на тимот. Колегата кој ја регистрирал снимката ја добил честа да го даде и името на мајката рис, која е именувана Сибел.
Во објавата се наведуваат и интересни факти за балканскиот рис, меѓу кои тоа дека е територијално животно што зазема голема територија – понекогаш и над 40 km², како и дека неговата исхрана се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови од шумскиот екосистем. Од паркот додаваат дека популациите на пленот на Шар Планина полека, но стабилно растат, а ловот е целосно забранет, што придонесува за заштита на видот.
Од Националниот парк истакнуваат дека снимката ја потврдува важноста од континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот, потсетувајќи дека балканскиот рис е критично загрозен вид.
Паркот соопшти и дека по повод овој момент, тимот денес слави со мекици.























