Сметам дека кај нас концептот на глумец, режисер, драматург, вработен во театар е општо проблематичен. Потребни се сериозни реформи во таквиот систем на функционирање, кој ќе отвори поголеми можности за актерите да дојдат до работа, вели глумицата Сара Климоска во разговорот за „Женски печат“/ „Слободен печат“.
Младата македонска филмска и театарска глумица Сара Климоска, родена во Струга во 1994 година, е избрана за една од десетте европски откритија – Европски ѕвезди во подем 2021, на Европската филмска промоција.
Европската филмска промоција се одржува во рамки на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин и важи за една од најпрепознатливите обележја на Берлинале. Во оваа престижна селекција, Сара Климоска е избрана заедно со уште девет актерски имиња од Европа, поради нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов „Лена и Владимир“, филм во кој ја глуми 16-годишната Лена.
Со Сара, која на јавноста ѝ е позната и преку ликот на Донка во филмот „Врба“ на Милчо Манчески, разговараме на тема што значи да се биде невработена актерка во Македонија и колку оваа награда може да ги поттикне нејзините професионални предизвици.
Избрана си за една од десетте европски откритија – Европски ѕвезди во подем 2021 на Европската филмска промоција. На каков вложен труд те асоцира оваа награда?
– Оваа награда е резултат на долги работни снимачки денови, подготовки, истражувања, физичка и психичка пожртвуваност на целиот тим од филмот „Лена и Владимир“, со кој ја добивам оваа награда и се надевам дека оваа година сите ќе имаме можност да го погледнеме на филмското платно.
Колку ваквите награди се вреднуваат во Македонија и дали носат нови ангажмани?
– Најчесто во Македонија уметниците се вреднуваат доколку имаат некаков успех надвор. Ова е награда од огромна важност, па се надевам дека ќе ми отвори повеќе врати за идна соработка во границите на нашата земја, како и надвор од неа.
Што значи, според тебе, да се биде глумица во денешна Македонија?
– Да се биде глумец во Македонија, особено независен, е да се живее на работ на егзистенција, да се соочуваш со константни препреки и недоразбирања. Но и покрај ваквите околности, среќна сум што сè уште глумците на некој начин се инспирираат токму од тие околности и се борат да создадат подобри услови за работа.
Имаш постигнато евидентни успеси и на театарската сцена и на филмското платно („Мојот маж“, „Врба“, „Сенки над Балканот“…). Каков е твојот статус како актерка во државава?
– Јас сум сè уште независен уметник, односно невработена глумица во национален театар. Тоа, меѓу другото, е поради моја лична одлука да не се пријавам на конкурс за вработување во театар, затоа што сметам дека концептот на глумец, режисер, драматург, вработен во театар е општо проблематичен. Потребни се сериозни реформи во таквиот систем на функционирање, кој ќе отвори поголеми можности за актерите да дојдат до работа.
Не велам дека не би го променила својот став, но сега засега, ова е мојот став и статус како глумица во оваа држава.
Со кого ти е полесно да работиш, со мажи или со жени режисери?
– Немам родова преференца кога работам, тоа повеќе зависи од тоа со кого работам како човек и како уметник. Но сепак, сметам дека жените се многу малку застапени во филмската индустрија. Имаме многу малку режисерки, а поразителен факт е тоа што сè уште немаме ниту еден директор на фотографија – жена. И речиси целата филмска екипа и од другите сектори се мажи, како и продуцентите. За разлика од кај нас, во другите земји на Балканот, застапеноста на жените во филмската индустрија е многу поголема.
Колку е важно учеството на јавни личности во општествено ангажирани теми?
– Уметниците мора да имаат општествена одговорност. Прво, да се создава уметност значи да се одговара на општествените случувања. Не постои уметност без политика. И кога велам политика, не мислам на секојдневни политички и партиски случувања, мислам на оној просечен секојдневен живот на еден поединец што е засегнат од политичките и општествените случувања околу него, и баш него го гледаме во главната улога во филм. Јавните личности може да бираат како ќе го искажат својот став, не мора секогаш тоа да биде во весник, некогаш се искажува и преку уметноста што ја создаваат.
Може ли преку уметноста барем малку да се променат ставовите на јавноста за некои табу-теми?
– Уметноста е и таа која ги отвора прашањата во општеството и ја провоцира публиката да размислува за нив. Уметноста ја има главната улога на еволутивната трансформација во општеството. Многу е важно за едно општество да ја разбира важноста на уметноста и културата, особено уметниците да се свесни за одговорноста што им ја носи позицијата.