Русите егзекутирале украински воен затвореник со меч, Кијив апелира до ОН и Црвениот крст

Народниот правобранител на Украина Дмитро Лубинец, пријави уште едно воено злосторство извршено од Руси – егзекуција со меч на украински воен заробеник и упати апел до МКЦК и ОН.

Народниот правобранител на Украина, Дмитро Лубинец, на 17 септември изјави дека поднел жалба до Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) и Обединетите нации како одговор на фотографијата на која наводно е прикажана егзекуција на воен заробеник од Украина од страна на Русија.

Утрото на 17 септември, на социјалните мрежи се појави фотографија од очигледно погубен украински војник со меч во градите и натпис „За Курск“. На раката на војникот се гледаат остатоци од сива лента.

Се чини дека на фотографијата се гледа крваво тело кое лежи на патот на позадината на оштетените возила и куќа со скршени прозорци. Точната локација е нејасна.

Кијив Индипендент не можеше да ја потврди фотографијата.

Нивото на варварство и крвожедност е невозможно да се сфати“, напиша Лубинец на својот Телеграм канал.

Народниот правобранител нагласи дека ваквите постапки се флагрантно кршење на Женевската конвенција за постапување со воените заробеници.

Подоцна во текот на денот, Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека наводното погубување на украинскиот војник се случило во градот Новохродивка во Доњецката област. Украинските власти сè уште не го утврдиле времето кога се случила наводната егзекуција.

„Криминалниот режим ја продолжува својата намерна политика на уништување на се што е украинско, покажувајќи му на целиот свет својата брутална суровост и цинично непочитување на сите вредности и норми на цивилизираниот свет. Нашата цел е да ги пронајдеме и казниме сите вклучени во овие злосторства. Светот мора да ги види злосторствата на окупаторите и одлучно да одговори на секој таков случај“, нагласи генералниот обвинител Андриј Костин, пренесува Укринформ.

Истрагата е во тек за утврдување на околностите и откривање на лицата одговорни за кривичното дело. Предистражната постапка ја спроведуваат истражителите на Службата за безбедност на Украина (СБУ) во областите Донецк и Луханск, соопштија од Јавното обвинителство.

Имаше повеќе извештаи за мачење или убивање на украински заробеници додека беа во руско заробеништво од почетокот на руската војна против Украина. Заклучно со септември, Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека се водат 28 кривични истраги во врска со егзекуцијата на 62 украински заробеници.

На почетокот на септември, Лубинец објави уште еден случај на наводно егзекуција на украински војник, кој беше снимен на видео.

Наводно, на снимката се гледа руски војник кој прашува еден украински воен припадник дали сака „да го каже последниот збор, да се моли пред да умре“, а потоа трипати пука во него со пушка.

Драган Мишев