Пет истражувачки центри и компании од Белгија, Италија, Романија и САД во Брисел потпишаа Меморандум за разбирање за развој на мали модуларни нуклеарни реактори.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, согласно Меморандумот, Белгискиот центар за нуклеарни истражувања (СЦК-ЦЕН), романскиот Директорат за автономна технологија за нуклеарна енергија (РАТЕН), италијанската Национална агенција за нови технологии, енергија и одржлив економски развој (ЕНЕА) и компаниите „Ансалдо Нуклеаре“ од Италија и „Вестингхаус Електрик Компани“ од САД, ќе формираат конзорциум кој ќе работи на развој на мали модуларни реактори со ладење со олово.

Договорот беше потпишан во присуство на белгискиот премиер Александер Де Кро, романскиот претседател Клаус Јоханис и претставници на италијанската и американската амбасада во Белгија.

– Белгија се здружува со САД, Романија и Италија за да ги донесе на пазарот малите модуларни реактори кои ќе обезбедат чиста и евтина енергија. Сега е време да ја преземеме водечката улога во борбата против глобалното затоплување, објави Де Кро на платформата Икс по потишувањето на Меморандумот.

Владата на Де Кро минатата година за развојот на ова истражување на СЦК-ЦЕН му додели 100 милиони евра, a првиот белгиски модел на мал модуларен реактор да биде завршен меѓу 2035 и 2040 година.