Бројот на Палестинци убиени во израелските напади врз Газа се зголеми на 2.215, додека 8.714 лица се повредени, соопшти утринава Министерството за здравство на Газа, пренесе ДПА.

Палестинците, додава германската агенција, масовно бегаат од северниот дел на Газа по инструкциите на израелските одбранбени сили (ИДФ) да се евакуираат пред очекуваната копнена инвазија.

Израелски воени авиони и артилерија го напаѓаат Појасот Газа, густо населена палестинска територија, како одговор на координираните напади врз Израел, што почнаа во саботата од Газа и беа изведени од исламистичката милитантна група Хамас.

Милитантите на Хамас досега убија стотици израелски цивили во пограничните градови и на музички фестивал во тоа што сега се смета за најкрвав масакр во израелската историја, потсетува ДПА.

Хамас ја контролира Газа откако насилно ја презеде власта во 2007 годинаи неа Европската унија, САД и Израел ја сметаат за терористичка група.