Американските преговарачи, по последната рунда мировни разговори со Русија во Абу Даби, го отвориле прашањето дали Украина би се повлекла од Донбас во замена за членство во НАТО, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој повтори дека Киев не е подготвен да отстапи дел од својата територија, но остави можност евентуален мировен договор да биде ставен на референдум, доколку Украина добие сеопфатен пакет безбедносни гаранции, силна и добро финансирана армија, како и средства за обнова на земјата, пренесува „Ројтерс“.

„Американците го поставија прашањето: Што ако Украина влезе во НАТО? Дали тогаш Украина би се повлекла од Донбас? Ова беше првпат да се отвори такво прашање“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател оцени дека преговорите со Русија се исклучително тешки и повтори дека Украина под никакви околности нема да ја признае руската окупација на своите територии, без оглед на одлуките што би можеле да ги донесат САД во врска со украинските територии.

Зеленски претходно изјави дека пристапот на Вашингтон, кој со Москва разговара за воспоставување нов безбедносен поредок, му изгледа „малку чуден“.

Тој потсети и дека Европа во изминатите три децении по распадот на Советскиот Сојуз настојувала да одржува добри односи со Русија, да ја зголемува трговската размена и да ја интензивира меѓусебната соработка.

Донбас е историски, културен и индустриски регион во источна Украина, кој првенствено ги опфаќа Доњецката и Луганската област.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.