После 13 години, 373 меча, преку 20 трофеи, над 100 европски средби и секоја година групна фаза во евро-куповите, Аријан Адеми замина од Динамо Загреб и синоќа со овации беше испратен на „Максимир“ кон следниот негов предизвик – кинески Пекинг Гуан.
Адеми после збогувањето посочи дека никогаш не помислувал дека ќе си оди од Динамо, сметајќи дека во загрепскиот гигант ќе ја заврши кариерата, но најави враќање во клубот каде ги доживеа најубавите години од животот, без разлика во која улога. Не исклучува можност да се врати и да ја заврши кариерата во Загреб, ама јасно посочи што ќе работи после пензија.
Хрватските медиуми најавуваа функција спортски директор, но Адеми има јасна цел – да биде тренер на Динамо. Веќе и учеше за потребната лиценца и нема сомнение дека нема долго да се чека од неговото завршување на фудбалската кариера, за да седне на кормилото на „модрите“.
„Јасно е како ден дека ова е само довидување, зашто не го завршив тоа што го сакав со Динамо, а тоа е да освоиме европски трофеј. И се надевам дека до крај ќе успеам. Можеби тешко е дека ќе се вратам како фудбалер, многу тешко, но никогаш не може да кажеш – никогаш! А, на која функција се гледам во иднина во Динамо – сакам да бидам тренер!“, рече Адеми./Sport1.mk/