Барселона, синоќа во Билбао, славеше со 1-0 и ја задржа предноста од девет бода во однос на Реал Мадрид. Мечот го реши Рафиња, а најдобар поединец беше голманот Тер Штеген, кој имаше неколку извонредни интервенции.
Натпреварот на новиот „Сан Мамеш“, сепак го обележа потегот на навивачите на Атлетик. Тие на теренот фрлија испечатени банкноти и картони со грбот на Барселона, симболот на доларот и зборот мафија.
„Ниту Барселона, ниту Мадрид, само Атлетик“, скандираа навивачите на клубот од Билбао.
Од трибините се слушаа и повиците дека каталонците треба да бидат исфрлени во Сегунда. Главна причина е наводната измама на Барселона со судиската комисија и плаќањето на поранешниот член на судиската комисија, Енрикез Негреира. Поради овој случај обвинителството покрена истрага.