– Во пекарите во Штип и денеска има леб кој се продава по цена од 30 до 33 денари во зависност од грамажата и типот на леб.
Николче Малинов, кој е сопственик на пекара, во изјава за МИА вели дека пекарите кои вчера ја намалија цената на лебот и до пет денари работат на работ на рентабилноста, но дека се одлучиле на овој потег бидејќи мерката е донесена од Владата и сметаат дека во услови на криза треба да им се излезе во пресрет на граѓаните.
Засега, вели, немаат проблеми со исплатата на платите на вработените и со процесот на производство.
– Ние сме да речам на границата на исплатливоста. Пресметките ќе ги дознаеме по еден месец, кога ќе ни дојдат сметките за струја и другите сметки, вели Малинов.
Посочува дека репроматеријали за производство на леб имаат за два до три месеци, а ќе следат и дали ќе има зголемување на берзите, од што ќе зависи цената на лебот.
Според проценките на пекарите, во Штип се продаваат од 10.000 до 15.000 парчиња леб. МИА вчера прва објави дека нема проблем со производството и снабдувањето со леб и пецива низ штипските пекари и дека цената е намалена за пет денари.