Движењето ЗНАМ – За наша Македонија најостро го осуди симнувањето и сквернавењето на македонското државно знаме на плоштадот во Гостивар, оценувајќи дека со ваквиот чин се изразува непочитување кон државните симболи, институциите и државата.
Од ЗНАМ порачуваат дека македонското знаме не е симбол на една политичка партија или етничка заедница, туку државен симбол на Република Македонија, на македонскиот народ и на сите заедници што живеат во земјата.
„Македонското државно знаме не е симбол на една политичка партија или на една етничка заедница. Тоа е државен симбол на Република Македонија, знаме на македонскиот народ и на сите заедници што живеат во нашата држава. Неговото почитување е обврска на секој граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност“, се наведува во партиското соопштение.
Од движењето посочуваат дека правото на секоја заедница да ги негува сопствените традиции, култура и национални симболи не смее да биде изговор за непочитување на државните симболи. Според нив, прославувањето на Денот на албанското знаме без соодветно истакнување на македонското државно знаме претставува непочитување на државниот поредок и постапување спротивно на законските одредби за употреба на знамињата.
ЗНАМ реагира и на инцидентите, насилничкото однесување и нарушувањето на јавниот ред и мир во градовите, оценувајќи дека таквите постапки не прилегаат на достоинствено одбележување на празник.
Од таму очекуваат надлежните институции без одлагање да ги расчистат настаните во Гостивар, да ги идентификуваат сторителите и да постапат согласно законите.
„Законот мора да важи подеднакво за сите, без селективност и без политички калкулации. Почитувањето на различностите е наша вредност, но почитувањето на државата, нејзините симболи и законите е обврска на сите“, порачуваат од ЗНАМ.






















