Снежните врнежи предизвикаа проблеми во повеќе општини во западниот дел на Македонија, каде десетици населени места останаа без електрична енергија, а механизацијата сè уште работи на расчистување на патиштата кон повисоките планински села. И покрај снежните врнежи, сите магистрални и регионални патни правци засега се проодни, но сообраќајот на одредени места се одвива во зимски услови, со остатоци од кашест снег.
Според информациите на Центарот за управување со кризи, најсериозна е состојбата во гостиварскиот регион. Без електрична енергија се Вруток, Ново Село, Цветково, Церово, Речане, Беловиште, Здуње, Градец, Горна и Долна Бањица, Сушица, Ѓоновица, Куново, Трново, Трница, Врбјане, Сенче, Волковија, Нистрово и Белица.
Во Тетово без струја се Попова Шапка, Лисец и Гајре, додека во Брвеница прекин во снабдувањето со електрична енергија има во Горен Челопек, Долен Челопек и Милетино. Во Боговиње без струја се Камењане, Палчиште и Калник.
Екипите на терен ги расчистуваат патиштата кон повисоките населени места. Во Гостивар се очекува тие да бидат проодни во периодот од 16 до 17 часот, додека во општините Тетово, Боговиње и Врапчиште механизацијата исто така е ангажирана за расчистување на планинските патишта.
Во Маврово и Ростуше снежната покривка во Ростушкиот дел изнесува од три до четири сантиметри, додека во Мавровскиот дел има повеќе снег. Екипите работат на расчистување на патните правци.
Проблеми поради снегот има и во Кратовско, каде во градот снежната покривка достигнува околу пет сантиметри, а во селото Мушково околу 15 сантиметри. Движењето во Мушково се одвива со теренски возила. Во Старо Нагоричане има од три до пет сантиметри снег, но сите патишта се проодни.
Во Кумановскиот и Кривопаланечкиот регион патната инфраструктура е проодна. Експресниот пат до граничниот премин Деве Баир е прооден, како и патиштата кон Калин Камен, Конопница и Дурачка Река. Расчистувањето кон планинските села во Крива Паланка ќе продолжи во текот на утрешниот ден.
Во Скопје сите патишта се проодни, но коловозите се влажни, а на одредени места има кашест снег. Во Штипскиот, Битолскиот, Струмичкиот и Охридскиот регион патните правци се проодни, додека во Велешко има врнежи од снег и дожд кои брзо се топат. На повисоките планински места во овој регион снежната покривка достигнува околу 10 сантиметри.
Од Водостопанство „Кумановско-Липковско Поле“ информираат дека засега нема опасност од излевање на реките во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
Центарот за управување со кризи соопштува дека е во постојана координација со надлежните институции, а Оперативниот центар 112 е во целосна готовност за прием на пријави од граѓаните.
Од ЦУК апелираат граѓаните при блокирани патишта, поплави или други итни ситуации да го контактираат бројот 112.






















