Се очекуваат нови апсења откако денеска обвинителот во Дијарбекир, која е една од десетте југоисточни области погодени од земјотресот, издаде налози за апсење на 29 лица
По силниот земјотрес од 6 февруари, турската полиција започна бран апсења на лица одговорни за квалитетот на градбите. Локалните турски медиуми јавуваат дека досега се уапсени 12 лица во врска со уривањето згради во Газиантеп и Шанлурфа.
Од земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала и уште неколку последователни потреси се урнаа над 6 000 згради оставајќи зад себе биланс од илјадници жртви и повредени, бројки кои се зголемуваат од час во час. Се очекуваат нови апсења откако денеска обвинителот во Дијарбекир, која е една од десетте југоисточни области погодени од земјотресот, издаде налози за апсење на 29 лица.
Еден од првите уапсени градежници е Мехмет Јашар Чошкун. Моментот на апсењето синоќа го снимиле безбедносните камери на аеродромот во Истанбул додека се подготвувал да избега во Црна Гора. Градежната компанија на Чошкун, „Антис Јапи“, го изгради луксузниот станбен блок „Renaissance Residence“, кој се наоѓа во Антакија, во провинцијата Хатај, од чие уривање се проценува дека животот го загубиле околу 800 жители.
Истражителите се сомневаат дека причина за уривањето на зградите бил и лошиот квалитет на градбата. 12-катниот блок со луксузни станови е завршен пред 11 години./360stepeni/