Бројот на жртвите од земјотресот во Турција и Сирија постојано се зголемува. Спасувачките тимови продолжија со потрагата по преживеани. Но, спасувачките напори се отежнати од ниските температури и стотиците последователни потреси кои ја направија работата во нестабилните структури уште поопасна опасна.
43 часа по земјотресот, 3-годишно дете е извлечено живо од под урнатините на една зграда во Кахраманмарас.
Десетици земји од целиот свет, покрај итна хуманитарна помош, испратија и тимови за пребарување и спасување. Тие успеаја да спасат многу луѓе заробени под урнатините.
Луѓето кои ги преживеаја земјотресите, сега се соочуваат со преживување на ниски температури. Турската влада продолжи да обезбедува засолништа за луѓето кои останаа на улица откако нивните домови беа целосно уништени или се сметаа дека се премногу оштетени за да се вратат во нив. Стотици илјади луѓе се сместени во студентски домови, училишта, џамии и други јавни згради, а други се засолнија во хотели кои бесплатно ги отворија вратите. Сепак, снабдувањето со храна е тешко за сите. Зимското невреме затрупа дел од локалните патишта во регионот кои и онака се веќе оштетени од потресите.
Во меѓувреме, во Сирија, спасувачките операции се уште потешки бидејќи здравствениот систем и инфраструктурата беа постојано уништувани од 12 годишната војна. Сириската Црвена полумесечина ја повика меѓународната заедница да ги укине санкциите за да се олеснат спасувачките напори.
Земјотресот со јачина од 7,8 степени беше најсилниот што ја погоди Турција од 1939 година, кога во провинцијата Ерзинџан загинаа 33.000 лица. Над 17.000 загинаа во земјотресот во 1999 година во оваа област, која е една од сеизмички најактивните во светот.
Алсат