Медиумите во Косово објавија нацрт на статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство. Документот што го објави РТВ Дукаѓини, содржи 18 члена, додека во првиот напис се нагласува дека Заедницата е легален субјект основан врз основа на Уставот и правниот систем на Република Косово.
Во втората точка, првиот член се нагласува дека статутот на заедницата е највисок правен акт на овој механизам, а се одобрува од Основачкото собрание на оваа заедница.
Во третата точка е нагласена една многу важна работа. Таму е предвидено статутот да биде одобрен и од Владата на Република Косово и да биде верификуван од Уставниот суд.
Една од најголемите дилеми што отсекогаш се поставуваше на Косово е фактот дека Заедницата на општини со српско мнозинство ќе биде третото ниво на моќ на Косово.
Ова прашање е обработено во членот четири. Во него се наведува дека заедницата на ниту еден начин нема да ги замени или наруши уставноста и односите меѓу централната и локалната власт во Република Косово.
Од друга страна премиерот, Албин Курти изјави дека договорот за Заедницата е единствениот кој бил потпишан во Брисел, а кој паднал во Уставниот суд.
Косово и Србија, со посредство на Европската унија, договорот за формирање на оваа заедница го потпишаа во 2013 година. Во 2015-та беше потпишан уште еден договор, како што се наведува, за принципите на ова Заедница. Но, истата година Уставниот суд на Косово утврди дека договорот не е во целосна согласност со Уставот, но оти членовите може да се усогласат. Србија бара Косово да ги спроведе постигнатите договори, но Владата на Косово се изјасни против формирање моноетничка Заедница.
Шкелзен Аќифи