Англискиот напаѓач Рахим Стерлинг ја напушти репрезентацијата на Англија и се врати во земјата поради „семејни причини“, објави ФА во неделата. Тој не беше дел од тимот на Герет Саутгејт во осминафиналето на СП против Сенегал. Англичаните славеа со 3:0 и сега ќе го предизвикаат светскиот првак Франција во четвртфинална пресметка.
Се испостави дека во домот на Рахим Стерлинг во Лондон провалиле вооружени крадци додека во неа било неговото семејство, па 28-годишниот фудбалер бил принуден веднаш да одлета од Катар. Напаѓачот на Челси има три деца.
„Понекогаш фудбалот не е најважен и семејството мора да биде на прво место. Ќе му дадеме малку простор и ќе видиме како ќе се одвиваат работите во следните неколку дена“, изјави селекторот Герет Саутгејт.
Стерлинг постигна еден гол на турнирот, во воведната победа од 6:2 над Иран./Makfax/