Вработени во „Твитер” поднесоа колективна тужба против компанијата откако новиот сопственик на социјалната мрежа, Илон Маск, преку електронска пошта ги известил дека ќе се соочат со отпуштања.
Вработени во „Твитер” почнале да објавуваат на платформата дека нивните официјални налози за електронска пошта веќе биле затворени пред планираните отпуштања, објави „Си-Ен-Ен”. Други споделуваат сини срца и емотикони, илустративно опишувајќи го збогувањето со компанијата.
Во тужбата се наведува дека компанијата „Твитер” го прекршила федералниот Закон за прилагодување и преквалификација на работници бидејќи веќе отпуштил некои од своите вработени.
„Твитер” вработуваше речиси 7.500 луѓе пред Маск да ја преземе компанијата
Односниот Закон му налага на работодавачот доколку има повеќе од сто вработени, да ги извести однапред 60 дена за отказното решение, доколку се работи за масовно отпуштање на повеќе од 50 вработени од иста филијала.
Најбогатиот човек на светот јасно стави до знаење дека го смета Законот за труд за „тривијален”.
– Ја поднесовме оваа федерална тужба за да се осигураме дека ‘Твитер’ ќе биде прогласен за виновен според нашите закони и да спречиме вработени несвесно да потпишуваат откази – изјави за „Си-Ен-Ен” Шенон Лис-Риордан, правниот застапник на подносителите на тужбата.
Американскиот милијардер го започна својот мандат во „Твитер” со отпуштање на извршниот директор Параг Агравал и уште двајца директори. За помалку од недела дена Маск го распушти и претходниот Одбор на директори во компанијата, така што се чини дека менаџерскиот тим во „Твитер” е целосно „исчистен” со отпуштања и оставки.