Балистичка ракета истрелана од Северна Кореја прелета над небото над Јапонија и ги натера јапонските власти да наредат подигнување на ловците Ф15. Авионите имале задача да ги пронајдат остатоците од ракетата, јавува Би-Би-Си. Ракетата паднала во Тихиот океан. Граѓаните од северните делови на земјата биле итно предупредени да се засолнат.
Ова е прв пат од 2017 година проектил да биде истрелан во тој правец, а Јапонија рече дека тоа е веројатно најдолгата далечина што една севернокорејска ракета ја достигнала. Се работи за 4.600 километри.
Јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада изјави дека Јапонија нема да возврати на нападот на Северна Кореја, но дека ќе ја зголеми својата одбранбена готовност во случај на нов напад.
И Јужна Кореја најави дека ќе ја зајакне својата одбрана и ќе ја зголеми соработката со своите сојузници. САД остро го осудија лансирањето на балистичка ракета над јапонска територија.
Северна Кореја истрела вкупно пет ракети во последните 10 дена. Се смета дека Ким Јонг Ун со тестовите им возвраќа на САД, кои заедно со Јужна Кореја и Јапонија спроведоа поморски воени вежби.