Три турски државни банки го суспендираа рускиот систем за плаќање под повеќенеделниот засилен притисок на Вашингтон, кој предупреди дека системот може да се користи за избегнување на санкциите воведени против Русија поради инвазијата врз Украина. Одлуката на Турција, која ја зголеми трговската размена со Русија за време на војната во Украина, претставува драматичен пример како заканите од секундарни санкции од САД ги принудуваат земјите да се дистанцираат од Русија, пишуваат дел од светските медиуми.
Банките „Халкбанк“, „ВакифБак“ и „Зираат банк“ го суспендираа плаќањето преку системот „Мир“ на 27 септември.
Потегот следува откако две приватни турски банки, „Исбанк“ и „ДенизБанк“ информираа за прекин на плаќањето преку рускиот еквивалент на Мастеркард и Виза.
Анкара инсистирала руските туристи да го користат „Мир“ за купување и плаќање во хотели. Но, западните претставници изразиле загриженост оти системот може да се користи како канал за незаконски финансиски трансакции, пишуваат дел од британските медиуми.
Одлуката трите државни банки да престанат да го користат „Мир“ означува и пресврт на турскиот став за санкциите против Русија, оценува Блумберг, укажувајќи дека претседателот Реџеп Тајип Ердоган се обидел да балансира кога е во прашање Украина и имал состаноци и преговарал со рускиот колега Владимир Путин.
Во ставот на турскиот претседател почнаа да се забележуваат знаци на суптилна промена, откако минатата недела беше во САД на годишниот состанок на Обединетите Нации, посочува Блумберг.
По враќањето од Њујорк, Ердоган ги повика највисоките претставници, вклучувајќи го министерот за финансии Нуредин Небати, да разговараат за алтернативи за „Мир“. Истиот ден, портпаролот на Ердоган на националниот телевизиски канал изјави дека во војната, Турција е цврсто на страна на Украина, повикувајќи ја Русија да се повлече од окупираните територии.
Заменикот на американскиот министер за финансии, Воли Адејемо во јуни ги посети Анкара и Истанбул, со цел да ја изрази загриженоста на Вашингтон дека руски олигарси и големи компании ги користат турските ентитети за избегнување на санкциите од Западот.
Министерството за финансии на САД во август им испрати писмо на турските банки и компании со предупредување дека не може да очекуваат да имаат „пристап до американскиот долар и други главни валути“, доколку соработуваат со санкционираните Руси.
Турција се обиде да остане неутрална во украинскиот конфликт, користејќи го тоа за потпишување низа економски договори со Русија, што ѝ помогнаа да се поддржи нестабилната економија пред изборите идната година, каде Ердоган ќе се обиде да го продолжи своето владеење.
„Мир“ картичките им даваат можност на милиони Руси, кои летуваат во Турција, да пристапат до своите рубљи и да плаќаат за сè, од ресторани до хотели. Сè поважни се за Русите кои бегаат во Турција во рамки на новиот миграционен бран на машки лица, кои се обидуваат да избегнат регрутација.