Современата модулаторна терапија „Трикафта“ е обезбедена за сите пациенти со цистична фиброза во Македонија кај кои постои соодветна медицинска индикација, соопшти Клиниката за детски болести во Скопје.
Oд оваа година вкупно 126 пациенти со цистична фиброза, на возраст над две години, кои ги исполнуваат медицинските критериуми, ќе имаат пристап до современата таргетирана терапија.
„Ова е значаен исчекор во третманот на цистичната фиброза во нашата држава“, порачаа од Клиниката за детски болести.
„Трикафта“ е современа модулаторна терапија која го подобрува функционирањето на протеинот CFTR, чија нарушена функција е причина за цистичната фиброза. Клиничките испитувања покажале дека терапијата може значително да ја подобри функцијата на белите дробови и квалитетот на животот кај пациентите со соодветни генетски карактеристики.















