Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид на терен на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, заедно со деканот на Градежниот факултет, инспекциските служби на Општина Центар и стручни лица, каде се спроведуваат итни мерки за обезбедување и стабилизација на просторот по евидентираното свлечиште на земјиштето во непосредна близина на градежен зафат, информираат од општината.
Согласно стручните насоки и експертското мислење доставено од Градежниот факултет, денеска, се додава во информацијата, започна затрупување и обезбедување на земјиштето на градилиштето, со цел стабилизација на теренот, спречување на дополнителни оштетувања и заштита на безбедноста на граѓаните и околните станбени објекти.
Герасимовски упати благодарност до деканот и стручниот тим на Градежниот факултет, кои веднаш излегоа на терен и дадоа конкретни насоки за надминување на состојбата.
„Безбедноста на граѓаните нема цена. Од првиот момент реагиравме веднаш, а денеска на терен заедно со стручните лица ги следиме активностите за стабилизација на просторот. Голема благодарност до деканот и тимот на Градежниот факултет за експертската помош и професионалниот пристап. Ќе постапуваме строго и без компромис кога се работи за неодговорно и несовесно градење“, изјави Герасимовски.
Од општината додаваат дека инспекциските служби и натаму се на терен и продолжуваат со надзорот и постапувањето. Досега се изречени повеќе санкции, а постапките против инвеститорот и изведувачот продолжуваат, откако е утврдено дека дел од градежните активности не биле изведувани согласно одобрението за градење издадено од Општина Центар.
„Општина Центар останува целосно посветена на надминување на состојбата, обезбедување на просторот и утврдување одговорност за сите констатирани неправилности“.
Текстот Се затрупува и обезбедува градилиштето на „Теодосиј Гологанов”, ќе постапуваме строго и без компромис, кажа Герасимовски е превземен од МАКФАКС.






















