Владата на својата 166-та седница донесе одлука за ограничување на профитните маржи на вештачките ѓубрива, со цел да се спречи растот на цените и да се поддржи домашното земјоделско производство, соопшти министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.

Со одлуката, највисоката бруто профитна маржа за неорганските ѓубрива се ограничува на 5 проценти во трговијата на големо и 5 отсто во малопродажбата. За органските, органо-минералните ѓубрива и биостимулаторите, маржата ќе изнесува до 10% и во големо и во мало.

Мерките ќе важат до 31 мај 2026 година и се однесуваат на сите правни и физички лица регистрирани за производство и трговија со ѓубрива.

Дополнително, се воведува обврска за континуирано снабдување на пазарот. Трговците на мало ќе мора месечно да обезбедуваат најмалку 70% од просечните набавени количини во 2026 година, додека трговците на големо ќе треба да ги снабдуваат малопродажните објекти со најмалку 70% од просечно продадените количини.

Со втората одлука се предвидува и намалување на продажните цени за 10% за залихите набавени по стари цени.

Од Министерството посочуваат дека мерките се донесени по консултации со увозниците и анализа на Државниот пазарен инспекторат, кој констатирал раст на цените. Целта е стабилизирање на пазарот, намалување на трошоците и заштита на земјоделците.

Текстот (Видео) Ограничени маржите на ѓубривата: Владата со мерки за стабилизација на цените е превземен од МАКФАКС.