Швајцарија се согласи да биде домаќин на мировен самит за Украина

Владата на Швајцарија денеска соопшти дека се согласила со барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, земјата да биде домаќин на глобалниот мировен самит за Украина.

– На барање на украинскиот претседател, Швајцарија се согласи да биде домаќин на самитот за мировна формула. Сега се разработуваат други детали, се наведува во соопштението на швајцарската Влада.

Зеленски на заедничката прес-конференција со претседателката на Швајцарија, Виола Амхерд не прецизира кој ќе учествува на мировниот самит, но навести кој сака да присуствува.

– Отворени сме за сите држави кои го почитуваат нашиот суверенитет и територијален интегритет на мировниот самит, поради тоа сами заклучете за тоа кого ќе поканиме … Сакаме глобалниот југ да биде присутен … Важно ни е да покажеме дека целиот свет е против агресијата на Русија и оти целиот свет е за праведен мир, посочи Зеленски.

Ниту Зеленски ниту Амхерд не прецизираа кога или каде ќе се одржи мировниот самит.