Финскиот претседател Стуб: Вежбата на НАТО испраќа порака до Русија, Алијансата ќе дејствува доколку некоја членка биде нападната

Финскиот претседател Александар Стуб рече дека тековната воена вежба на НАТО во Нордиските земји испраќа порака до Русија дека Алијансата има способност да дејствува доколку некоја членка биде нападната, пренесува финскиот портал Yle.

Претседателот зборуваше на прес-конференција со норвешкиот премиер Јонас Гар Шторе по набљудувањето на вежбите „Нордиски одговор 2024“ на НАТО во четвртокот.

Стуб рече дека ситуацијата главно се должи на членот 5 на НАТО, клаузулата за колективна одбрана на алијансата. Тој истакна дека треба да се врши обука за различни сценарија, додавајќи дека не смета дека е веројатен руски напад.

Како што објави претходно ЦИВИЛ Медиа, вежбата Нордиски одговор 2024, која започна на 4 март во северните делови на Финска, Норвешка и Шведска, вклучува околу 20.000 војници од 13 земји, вклучително и нешто повеќе од 4.000 од Финска. Маневрите ја одбележуваат првата вежба за колективна одбрана на Финска како членка на НАТО.

Германските вооружени сили учествуваат на маневрите „Нордиски одговор 2024“ со околу 1.500 мажи и жени, вклучително и 700 членови на планинските сили, соопшти Бундесверот во норвешкиот град Алта на далечниот север на Норвешка.

Како што информира норвешката војска, вклучени се и Финска и Шведска, кои се приклучија на Алијансата по руската агресија врз Украина.

Според предвиденото сценарио, војниците треба да извршат контранапад од областа Алта за да заземат области на југ кои веќе се окупирани од непријателот.

Земјите на НАТО распоредуваат широк опсег на вооружени системи за вежбата, вклучувајќи 100 авиони и поморски сили со фрегати и подморници.

Драган Мишев